Трансплантацијата чека на подзаконски акти
Речиси два месеца по донесувањето на Законот за трансплантација, дел од неговите одредби сè уште не можат да се применуваат поради недонесени подзаконски акти. Пациентите чекаат, а граѓаните сè уште не можат да потпишат согласност за дарување органи по смртта.

Иако е донесен, дел од Законот за трансплантација речиси два месеца не може да се применува во пракса поради недонесените подзаконски акти. Граѓаните и натаму не можат кај матичен лекар да потпишат согласност за донирање на органите по смртта. Сега со Законот се овозможува трансплантација и меѓу подалечни роднини, а веќе има подготвени парови.
„Веќе имаме медицински подготвени парови, чекаме на одобрување од Етичката комисија при Министерството за здравство и тие парови ќе можат да се трансплантираат. Веќе се зголемува фондот на дарители. Кога ќе бидат донесени подзаконските акти, ќе стапи на сила и доброволното дарување“, изјави проф. д-р Биљана Кузмановска – национален координатор за трансплантација.
Околу 160 пациенти во земјава чекаат да добијат бубрег. Трансплантацијата од жив донор се реализира брзо, но пресадувањето од починат дарител е реткост. Од Здружението „Нефрон“ бараат надлежните преку кампања да ја зголемат свесноста за дарување органи.
„Добар дел од пациентите не прават типизација затоа што се свесни дека за краток период не можат да бидат трансплантирани. Ние апелираме до пациентите да ги прават типизациите, а до надлежните – тие типизации да бидат бесплатни“, изјави Душко Ѓоргиевски – Здружение на бубрежно болни „Нефрон“.
Годинава се извршени девет трансплантации од жив и седум од починат дарител.
Во земјава околу 200 илјади граѓани живеат со одредено бубрежно заболување. Од нив, речиси 1.600 одат на дијализа. Доколку болеста навреме се открие, може да се спречи.
Андријана Ѓурческа
