Ристовски на средба со претставниците на Европската џиу-џицу федерација
Ристовски денеска оствари средба со претседателот на Европската џиу-џицу федерација, Мајкл Корн, потпретседателката Дана Мортелманс и со претседателката на Македонската џиу-џицу федерација, Катерина Бошковска...

Министерот за спорт Борко Ристовски денеска оствари средба со претседателот на Европската џиу-џицу федерација, Мајкл Корн, потпретседателката Дана Мортелманс и со претседателката на Македонската џиу-џицу федерација, Катерина Бошковска, на која се разговараше за организацијата на две значајни меѓународни спортски натпреварувања што ќе се одржат во Македонија, во септември следната година.
Станува збор за Балканското првенство во џиу-џицу и Европското првенство во контакт џиу-џицу, на кои се очекува учество на повеќе од 1.300 натпреварувачи.
Во рамки на посетата на Скопје, претставниците на Европската џиу-џицу федерација извршија увид во сместувачките капацитети и натпреварувачката сала во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што ќе се одржат натпреварувањата.
Министерот Ристовски ја истакна подготвеноста на Министерството за спорт да даде поддршка за успешна организација на првенствата.
„Организацијата на вакви големи меѓународни натпреварувања е значајна можност за македонскиот спорт и за промоција на нашата држава. Како Министерство за спорт ги поддржуваме ваквите настани и ќе настојуваме да обезбедиме услови Македонија да биде успешен домаќин“ – истакна министерот Ристовски.
