Славески: Макроекономската стабилност е услов за одржлив раст и интеграција во ЕУ
Макроекономската стабилност и модернизацијата на платните системи се клучни за побрза интеграција на земјата во Европската Унија. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на семинарот на Европската централна банка во Франкфурт, на кој се разговарало за економската отпорност, монетарната политика и поврзувањето на платежните системи.

Макроекономската стабилност не е алтернатива на економскиот развој и приближувањето кон Европската Унија, туку еден од основните услови за нивно одржливо остварување. Ова го порача гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на семинарот на Генералниот совет на Европскиот систем на централни банки со централните банки на земјите кандидатки и потенцијалните кандидатки за членство во ЕУ, одржан во Европската централна банка во Франкфурт. На настанот учествуваше и вицегувернерката Арљинда Хасани Синани.
Славески се осврна на економските и финансиските врски со Европската Унија, отпорноста на домашната економија и потребата од премин кон модел на раст заснован врз повисока продуктивност и поголема домашна додадена вредност.
Тој посочи дека поврзаноста со европската економија е значаен двигател на растот, но истовремено овозможува и пренесување на надворешните економски шокови. Зајакнувањето на отпорноста, според него, бара поквалитетни инвестиции, технолошка модернизација, иновации, развој на човечкиот капитал и посилно поврзување на странските инвеститори со домашните компании.
Говорејќи за монетарната политика, гувернерот нагласи дека ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс се основа за предвидливо деловно опкружување и одржлив економски раст. При носењето на одлуките, Народната банка ги зема предвид инфлацијата, движењата на девизниот пазар, девизните резерви, платите и кредитниот раст.
Во делот на платните системи, Славески го истакна напредокот во модернизацијата на домашната платежна инфраструктура и придобивките од приклучувањето кон СЕПА. Според проценките, заштедите од банкарските надоместоци во првата година од учеството во СЕПА надминуваат пет милиони евра. Испраќањето 500 евра кон земјите од СЕПА е шестпати поевтино за граѓаните во споредба со претходниот модел, додека кај трансакциите од 20.000 евра трошоците за компаниите се деветпати пониски.
Славески се осврна и на регионалната иницијатива за воспоставување платформа за инстант плаќања, заснована врз клонот на ТИПС, во која активно учествува Народната банка. Платформата треба да овозможи пренос на средства во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, и да придонесе за развој на домашните и прекуграничните инстант плаќања.
Во рамките на семинарот се одржала и средба на гувернерите со Пјеро Чиполоне, член на Извршниот одбор на Европската централна банка.
