„Сестра, брат и шахта“ на Манчевски в недела со премиера во Скопје
По наградите во Токио, Каиро и Белград, новиот филм на Милчо Манчевски пристигнува пред домашната публика. Македонската премиера на „Сестра, брат и шахта“ е закажана за 29 ноември во Македонската филхармонија, со гала-претставување и црвен килим.

Новиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, во недела, на 29 ноември, ќе ја има македонската премиера во Скопје. Филмот, кој ја освои главната награда на фестивалот во Токио, а потоа забележа успеси и на фестивалите во Каиро и Белград, за првпат ќе биде прикажан пред домашната публика.
Гала-премиерата ќе се одржи во големата сала на Македонската филхармонија, со црвен килим и присуство на актерите и членовите на филмската екипа. На настанот се очекуваат и шестмина гости од Англија, Италија, Бугарија, Србија и Албанија, како и 24 странски амбасадори, претставници на државниот врв и други гости.
„Македонски филм пред македонска публика. Да ја испочитуваме со мерак“, изјави Манчевски по повод премиерата.
За проекцијата специјално е обезбедена и привремено увезена кино-опрема соодветна за големата сала на Филхармонијата. Настанот е организиран и финансиран со приватни средства.
„Сестра, брат и шахта“ е комедија и социјална сатира за богатите и сиромашните, но и психолошка приказна за брат и сестра кои живеат надвор од општествените текови. Филмот, сместен во современа Македонија, преку приказната за двајца аутсајдери отвора универзални прашања за животот и меѓучовечките односи.
Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов и Дејан Лилиќ, заедно со бројни други македонски актери.
Филмот е деветти долгометражен проект на Манчевски, а снимен е со меѓународна екипа на локации во Скопје и околината, во копродукција со партнери од Бугарија, Србија, Италија, Англија и Албанија.
