протест

Професор од Битола со психичка тортура врз ученици со посебни потреби

27.11.2026 19:25

Професор по физичко континуирано вршел психолошка тортура врз ученици со посебни потреби од ресурсниот центар ,,Кочо Рацин“ во Битола. Поради тоа добил работен отказ. По неговата тужба, постои можност повторно да биде вратен на работа. Родителите и колективот пред Основен суд Битола излегоа на мирен протест со образложение дека стравуваат од евентуално негово враќање во образовниот систем.

Професор по физичко подолг временски период вршел психолошка тортура врз децата со посебни потреби кои учат во ресурсниот центар ,,Кочо Рацин“ во Битола, обвинуваат родители и колективот. Несоодветно се однесувал и кон нив. По низата предупредувања и разговори, однесувањето продолжувало, објаснуваат. Поради тоа добил работен отказ. Загрижени и револтирани денеска излегоа пред Основниот суд во Битола на мирен протест поради доминантниот страв и загриженост истиот повторно да биде вратен меѓу учениците, но и во самото училиште.

Македонска телевизија во тек на денов се обидуваше да стапи во контакт со посочениот професор по физичко и да добие став во однос на обвинувањата на негова адреса, но до овој момент не добивме повратен одговор. Неговиот адвокат телефонски ни рече дека нема одобрување за било каков коментар поврзан со  темата.

Ружица Аџикотарева Ѓоршевска