Расчистено убиство
27.11.2026 14:45
МВР целосно го расчисти убиството на обиколницата кај Смилковско езеро, каде пред пет дена беше пронајдено лице без знаци на живот со прострелна повреда во пределот на ногата...

Уапсениот 38-годишник од Скопје го признал убиството во полиција при службен разговор и го појаснил начинот како го извршил. МВР целосно го расчисти убиството на обиколницата кај Смилковско Езеро, каде пред пет дена беше пронајдено лице без знаци на живот со прострелна повреда во пределот на ногата. Поднесена е кривична пријава по брза постапка, информираа од полицијата.
„По преземени оперативно-тактички мерки од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, лишен од слобода е Б.Ј. (38) од Скопје поради сторено кривично дело ,убиство‘. Имено, лицето е лишено од слобода во врска со кривично-правниот настан од 21.11.2026 година, кога по претходна пријава во СВР Скопје, на обиколницата „Мајка Тереза“ во близина на с. Смилковци, скопско - пронајдено беше лице без знаци на живот. Со Б.Ј. е извршен службен разговор, при што лицето го појасни начинот на извршување на кривичното дело“, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.
Мажот од Љубин бил застрелан со еден куршум во ногата, кој погодил голема артерија и предизвикал обилно крварење. Неговото безживотно тело го забележал случаен минувач, кој пријавил во полиција.
Марина Стојанова Тонева
