Измамници продавале дозволи за транспорт за 10 илјади евра

27.10.2014 15:11

Осомничените измамиле газда на 2 транспортни фирми од Струга кој не успеал да се најде на прелиминарната листа на Министерството за транспорт и врски...

МВР поднесе кривична пријава до Oсновното јавно обвинителство во Скопје против 6 лица инволвирани во криминал поврзан со транспортни дозволи. Судијата веќе одреди притвор во траење од 8 дена за тројца, додека остатокот од групата е во бегство.

Осомничените измамиле газда на 2 транспортни фирми од Струга кој не успеал да се најде на прелиминарната листа на Министерството за транспорт и врски.

Измамниците му ветиле дека за сума од 10 илјади евра можат да му средат дозвола за меѓународен превоз. Тој платил однапред половина од сумата, но по предавање на остатокот од парите при претрес на еден од становите на осомничените се откриени земените пари за поткуп како и фалсификуваната документација и мобилните апарати  со кои комуницирале.

Министерството за транспорт и врски ја поздравува акцијата на Министерството за внатрешни работи за откривање и санкционирање на лицата кои се служеле со измама и заработувале продавајќи лажни дозволи за превоз.

Ги повикуваме сите превозници во Република Македонија кои вршат превоз на патници и стока во патниот сообраќај да не подлегнуваат на шпекулации и измами дека некој друг, освен Министерството за транспорт и врски може да им издаде соодветна дозвола, соопштуваат од Министерството, додавајќи дека преку

електронскиот систем за аплицирање и распределба се потврдуваат заложбите за целосна елиминација на можностите за корупција во секторот за транспорт, а истовремено се овозможува зајакнување на транспарентноста во давањето на јавните услуги за граѓаните.