Формула 1
Ништо не е готово, до финалниот метар
10.11.2014 13:42
65-та Ф1 сезона е една од најздодевните на патеката, но барем е возбудлива во битката за возачкиот трофеј...

Нико Розберг победи во Бразил, Хамилтон води, на последната трка ќе се доделуваат двојни бодови, титулата не е решена.
65-та Ф1 сезона е една од најздодевните на патеката, но барем е возбудлива во битката за возачкиот трофеј. Мерцедес одамна го осигура конструкторскиот пехар со апсолутна доминација и оствари рекордни 11 победи со 1-2 финиш.
Хамилтон е на патот кон втората титула во неговата кариера, со 17 бодови предност во однос на Розберг. Британецот е на позната територија, затоа што и неговата прва титула во 2008-та се решаваше во финалните секунди од сезоната - го помина Тимо Глок од Тојота, во последните моменти во Бразил, со што и покрај победата на Маса, се радуваше возачот на Мекларен.
За сигурен конечен триумф, на Хамилтон му треба подобар пласман од Розберг на Јас марина, или втората позиција ако Розберг победи, 6-та позиција ако Розберг е трет, 8-мо место ако Розберг го пропушти подиумот и 9-то место, ако Розберг заврши на 5-та позиција.
За да триумфира Розберг, потребна му е победа и трето место на Хамилтон, второ место и 6-то на Хамилтон, трето и 7-мо за Хамилтон, 4-то место и 9-то за Хамилтон, 5-та позиција и 10-та за Хамилтон, односно најмалку 5-та позиција дури и Хамилтон да не ја заврши трката.
Бодовите во Абу Даби се 50, 36, 30, 24, 20, 16, 12, 8, 4 и 2, за пласман од 1-та до 10-та позиција, на последната трка во првата Ф1 сезона, од новата турбо ера на најбрзиот спорт.