Рама во Белград: Историската посета прерасна во дипломатска провокација
Историска посета на албански премиер на Белград, но поради Косово- според српскиот премиер Вучиќ, таа прерасна во дипломатски провокација...

И покрај тоа што историската посета на премиерот Еди Рама на Белград почна во духот на добрососедство, тет- а- тет средба со домаќинот Александар Вучиќ, потпишување на царински договор, според српските власти, прерасна во дипломатски провокација.
Повод за тоа даде изјавата на гостинот, поврзана со Косово.
„Околу Косово имаме различни ставови, но реалноста е една. Косово е независно и тоа право го доби со Хашката пресуда и со признавањето на над 100 членки на ОН. Оваа реалност Србија треба да ја прифати“, рече премиерот на Република Албанија, Еди Рама.
По оваа изјава, Вучиќ престана да го слуша преводот и ја даде следната изјава.
„Да признаам, не очекував провокација од Рама, дека ќе говори за Косово и Метохија и не знам каква врска има Албанија со тоа. Но, морам да му одговорам: Нема да дозволам никој да ја понижува Србија во Белград. Косово и Метохија е неотуѓив дел на Србија и никаква врска нема- нити ќе има со Албанија. Жал ми е што Рама ја искрористи оваа прилика да говори за тема која не беше договорена ниту ја дискатутиравме“, возврати премиерот на Република Србија, Александар Вучиќ.
Потоа српскиот премиер го спомена инцидентот од фудбалскиот натпревар, со зборовите „тоа ви беше добро организирана акција“. Заклучи дека- сепак дијалогот ќе продолжи. Посетата на албанскиот премиер продолжува и утре, во Прешево каде ќе има средба со припадниците на албанската заедница.
68 години беше незамисливо, но сепак се случи. Со високи државни почести, интонирање на химните и со албански знамиња, остварена е историската посета на албански премиер на Белград. Голем медиумски интерес, околу 200 акредитирани новинари од целиот свет, но и големи мерки за безбедност.
Оливер Бранковиќ
