Фудбал - Пријателски натпревари

Германците им се одмаздија на Шпанците!

19.11.2014 12:46

Без неколку важни фудбалери во двете репрезентации, светскиот шампион му се раваншираше на европскиот за поразите од по 1:0 во полуфиналето на мундијалот во 2010 и во финалето на континенталниот шампионат во 2008-ма...

Нашите противници во квалификациите за Европското првенство го искористија УЕФА терминот за пријателски натпревари и со комбинирани состави, Словачка славеше против Финска со 2:1, Белорусија го совлада Мексико со 3:2, Украина одигра 0:0 против Литванија, додека Шпанија во Виго загуби од Германија со 1:0.

Без неколку важни фудбалери во двете репрезентации, светскиот шампион му се раваншираше на европскиот за поразите од по 1:0 во полуфиналето на мундијалот во 2010 и во финалето на континенталниот шампионат во 2008-ма. Тони Крос и дождливото време во 89-та минута го изненадија дебитантот на голот на „црвената фурија“, Франциско Касиља.

Откако Карлос Дунга во јули се врати на клупата, Бразил реди само победи. Во шестиот натпревар првпат прими гол, но триумфираше против Австрија во Виена со 2:1. На погодокот на Давид Луиз, домаќините одговорија со пеналот на Александар Драговиќ за 1:1. Кариоките не блескаа, но рутината им беше доволна благодарение на прекрасниот дебитанскиот гол на фудбалерот на Хофенхајм, Фирмино.

Кристијано Роналдо и Меси се поздравија и одиграа по едно полувреме на Олд трафорд. Нововлезените во вториот дел беа клучни за победата на Португалија против Аргентина со 1:0. Рикардо Кварезма во 91-та минута му асистираше на Рафаел Гереро.

Ривалството меѓу Шкотска и Англија е најстаро во историјата на фудбалот и датира од 1872-та година. И по 14 години, а 29 на домашен терен Шкотланѓаните не се радуваа против „Гордиот албион“. На Селтик парк, Англија триумфираше со 3:1. Првиот и победоносниот гол ги постигна Вејн Руни и со вкупо 46 им се доближи на најдобрите на вечната листа стрелци, на два на Гари Линекер и на три на Боби Чартон. За гостите погоди и Алекс Окслејд - Чембрлен, додека голот на Ендрју Робертсон не го загрози славјето на англиската репрезентација.

Конечно по четири меча Русија победи и тоа во Будимпешта против Унгарија со 2:1. Сергеј Игнашевиќ и Александар Кержаков барем до март го ослободија Фабио Капело од притисок. Руските медиуми најавуваа дека во случај на пораз, Италијанецот ќе добиел отказ. Голот за Унгарците го постигна Немања Николиќ.

Убав и ефикасен натпревар во Вроцлав одигра Полска и Швајцарија. 2:2, гостите поведоа уште во третата минута, но сепак се спасуваа од пораз во финишот на дуелот. Меѓу швајцарските голови на Јосис Дрмиќ и првиот во репрезентативната кариера на Фабијан Фрај, стрелци за домаќинот беа Артур Једрзејчик и Аркадиуш Милик.

Пријателски натпревари – резултати:

Јапонија - Австралија            2:1

Тајланд - Нов Зеланд            2:0

Кина - Хондурас                    0:0

Иран - Јужна Кореја              1:0

Словачка - Финска                 2:1

Белорусија - Мексико           3:2

Грција - Србија                     0:2

Слованија - Колумбија          0:1

 Австрија - Бразил                 1:2

 Естонија - Јордан                 1:0

 Романија - Данска                2:0

  Украина - Литванија            0:0

Унгарија - Русија                  1:2

Р. Ирска - САД                      4:1

Италија - Албанија               1:0

Полска - Швајцарија             2:2

Португалија - Аргентина     1:0

Шпанија - Германија            0:1

Франција - Шведска             1:0

Шкотска - Англија                1:3