Се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во Шуто Оризари

21.11.2014 15:25

Со пари од град Скопје, општината и од Светска Банка со вкупен износ од 4 милиони евра, жителите на општината ќе добијат питка вода. Градежните работи почнуваат напролет...

Во Шуто Оризари се решава долгогодишниот проблем со водоснабудвањето. Со пари од град Скопје, општината и од Светска Банка со вкупен износ од 4 милиони евра, жителите на општината ќе добијат питка вода. Градежните работи почнуваат напролет.

Договорот беше потпишан денеска во Министерството за финансии од страна на вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалниците на Град Скопје и општината Шуто Оризари, Коце Трајановски и Елвис Бајрам.

Според вицепремиерот Ставрески, станува збор за есенцијална потреба на околу 22 илјади жители од Шуто Оризари и дел од Скопје Север кои ќе добијат чиста вода за нивните потреби.

Ќе се реши еден децениски проблем којшто постоеше во општината Шуто Оризари. честите рестрикции и немањето вода по неколку часа во летните периоди е слика којашто за сите нас кои ја водиме државата беше сигнал дека нешто треба да се направи. Градот Скопје, општината Шуто Оризари и јавното комунално претпријатие и Министерството за финансии најдоа решение за овој проблем, нагласи вицепремиерот Ставрески.