Хамилтон или Росберг

21.11.2014 15:35

Формула 1 шампионатот кулминацијата ќе ја доживее претстојниот викенд на патеката во Абу Даби...

По 8 месеци,18 трки, 5500 извозени километри и многу контроверзи, Формула 1 шампионатот кулминацијата ќе ја доживее претстојниот викенд на патеката во Абу Даби. Конечно и одговор на последното прашање, кој ќе биде новиот светски шампион? Актуелниот и 4-ри кратниот Фетел заминува во историјата и во Ферари, новиот ќе се решава меѓу тимските колеги од доминантиот сезонава Мерцедес.

Тренинзите во пресрет на утрешните квалификации одново ја потврдија супериорноста на сребрените стрели во однос на сите други, па битката за тронот дефинитивно меѓу себе ќе ја водат Луис Хамилтон и Нико Росберг. Предноста на британецот е 17 поени, доволна за шампионска промоција и со евентуално второ место зад Росберг имајќи ги предвид двојните поени на последната трка во сезоната. Пиедестал и победа на некој трет би отворило многу простор за калкулации, но 12-те еден- два победи на Мерцедес сезонава од кои 4 на последните 4 трки оставаат малку простор за такви варијанти особено што единствениот кој годинава успеа да го победи Мерцедес на три трки е сигурно третиот на крајот на сезоната Даниел Рикардо кој е сепак без триумф на последните 6 трки. Но, сложената софистицирана технологија, можностите за механички дефекти и евентуалните судири и излетувања секогаш оставаат многу простор за изненадувања како и фактот дека Росберг нема што да загуби, па трката е загарантирана.

Патеката Јас Марина е вистинскто место за кулминација на сезоната.Вредна повеќе од милијарда долари, изградена на вештачки остров, комплексна со три различни сектори предизвикувачки за механичарите комплетно го отсликува гламурот на Формула 1 и по втор пат директно ќе решава за новиот шампион. Во 2010-тата Фетел успеа во конкуренција со Алонсо, Вебер и Хамилтон. Само Фетел во досегашните 5 трки победил од пол, три пати славел возачот што е во првиот ред, а само Раиконен пред две години до победа стигнал од 4-тата позиција на стартот. Хамилтон е третиот возач кој знае како е да се победи на Јас Марина и вели дека не чувствува никаков притисок пред завршната трка. А таа е в недела од 14 часот, квалификациите утре во истиот термин,а преносите на првиот програмски сервос на МРТ.