Росберг на пол во Абу Даби

22.11.2014 16:04

Во завршните квалификации во сезоната Росберг ја потврди супериорноста во денот пред трката со 11-тата пол позиција освоена во директен дуел со тимскиот колега Хамилтон кој по серијата грешки во брзиот круг задоцни 4 десетинки...

Потврдена доминацијата на Мерцедес и во гламурот на истокот. Одново 1-2 на стартот за возачите на сребрените стрели во пресрет на последната трка во сезоната за големата награда на Абу ДАби. Во завршните квалификации во сезоната Росберг ја потврди супериорноста во денот пред трката со 11-тата пол позиција освоена во директен дуел со тимскиот колега Хамилтон кој по серијата грешки во брзиот круг задоцни 4 десетинки. Потврда и дека во директен дуел утре меѓу нив ќе се решава шампионската титула иако 17-те поени предност на британецот без оглед на двојните поени во Абу Даби значат дека и со второ место ќе ја освои круната. Сепак, по одличните квалификациски перфоманси на Вилијамсите кои потврдија дека Јас Марина е идеална патека за нив и вториот ред на стартот за Ботас и Маса не е исклучено да се вмешаат во битката за највисокото место на пиедесталот и да ја направат супер интересна завршната трка.

Двата болида на Ред Бул со Рикардо и Фетел го комплетираа третиот стартен ред, а Квјат и Батон ги оставија зад себе Раиконен и Алонсо кои во црвено ќе го обојат 5-от ред на гридот .

По денешните квалификации ќе остане забележано во историјата на Формула 1 дека по Форд во 1969-тата година сите пол позиции во сезона ги освоија болиди со агрегат на Марцедес, но историјата на 65-тата сезона дефинитивно ќе биде испишана утре нешто пред 16 часот со името на новиот светски шампион. Хамилтон или Росберг , ќе дознаеме низ преносот на трката во Абу ДАби што на првиот програмски сервис на МРТ ќе почне во 14 часот.