Пораките на Папата не се случајни

26.11.2014 17:41

И поранешниот заменик директор на комисијата за верски заедници, Антон Серечи, смета дека пораките на Папата се исклучително важни. Серечи смета дека треба да отидеме чекор понапред со светата столица и конечно да издејствуваме посета на Македонија од поглаварот на Римокатоличката црква...

Недвосмислена порака која има огромно значење! Познавачите на состојбите вака гледаат на вчерашната порака на Папата Францис, кој од Стразбур порача Балканот да биде интегриран во Унијата. Велат, тој вчера пристигна како државник на една земја која има огромно значење во светот.

„Не само овој Папа, туку и претходните Папи со нивните пораки стигнувале далеку. Нивниот глас и нивното мислење е од огромно значење и лично сметам дека ова може да биде позитивен чекор кон напредување на Балканските земји и оние кои се надвор од ЕУ кон нивна интеграција“, рече Ѓоко Ѓорѓевски, поранешен амбасадор во Ватикан.

И поранешниот заменик директор на комисијата за верски заедници, Антон Серечи, смета дека пораките на Папата се исклучително важни. Серечи смета дека треба да отидеме чекор понапред со светата столица и конечно да издејствуваме посета на Македонија од поглаварот на Римокатоличката црква.

„Патот до потполна интеграција на Република Македонија во евроатланските структури може да биде само наша страна. Нам не ни недостасува поддршка, но ние треба самите да ја сработиме таа работа“, рече Антон Серечи, поранешен заменик директор на Комисијата за верски заедници.

И двајцата сметаат дека пораките на папата од Стразбур, за време на, до сега најкусата меѓународна посета воопшто на кој било папа, не се случајни и дека можеме многу да добиеме доколку се впуштиме во конкретна дипломатска офанзива.

Катерин Топалова