Волерс: Благодарност до вратничани за спасените американски пилоти
Со откривање спомен плоча американскиот амбасадор Волерс, министерот за одбрана Јолевски и жителите на тетовска Вратница им оддадоа почит на шестмината загинати американски пилоти пред 70 години во Втората светска војна. Нивниот авион паднал на падините над Вратница. Шестмината загинале, а тројца биле спасени...

26 август 1944 година. Силна бучава ги вознемирила жителите на Вратница. Виделе како воен авион паѓа на падините на Шара, над селото. Побрзале да им помогнат на пилотите. Се работело за деветмина американци од кои шест загинале, а тројца биле спасени.
„Сите и млади и страри се најдовме горе на лице место за да помогнеме. Балистичките сили пробале да ги стрелаат овие што останаа живи, но бугарите ги зеле и ги заробиле“, раскажува Коста Симоски, жител на Вратница, кој тогаш бил дете.
Изгорените тела вратничани ги погребале во селото, а по завршувањето на војната семејствата ги пренеле посмртните останки во Америка. Тројцата заробени, биле ослободени по капитулацијата на Бугарија.
Во спомен на загинатите, американскиот амбасадор Волерс и министерот за одбрана Јолевски открија спомен плоча.
Волерс рече дека на утрешниот Ден на благодарноста американскиот народ им благодари на вратничани за помошта.
„Утре ќе им изразиме благодарност и на жителите на Вратница кои им помогнаа на членовите на екипажот на авионот Наша љубов“, рече амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс.
За министерот Јолевски настанот од 1944 година е светол пример за долгогодишното пријателство меѓу двете земји, кое денеска само се потврува.
„Ова е показател дека пријателството меѓу Република Македонија и САД трае долго“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Амбасадорот Волерс истражувајќи го овој настан од Втората светска војна, пред неколку години го посетил и местото на падот на авионот наречен „Наша љубов“.
Зоран Јованоски
Снимател: Даниел Евросимоски
