Обезбедени 20 милиони евра за рурален развој на Македонија

01.12.2014 12:35

Најголем дел од средствата ќе бидат наменети за инвестиции во инфраструктурни проекти како што се водоснабдување, третман на отпадни води, изградба на локални патишта...

Министерството за финансии го потпиша договорот за доделување на неповратни средства од ЕУ, грант од Европската комисија во вредност од 15,5 милиони евра. Целта е регионален рамномерен развој.

„Со овој проект се поддржува рамномерниот регионален развој и развојот на руралните средини, односно ќе биде насочен кон создавање поквалитетни услови за живот и економски развој на понеразвиените подрачја. Во таа насока проектот се вклопува и во приоритетите на Владата на РМ, како и во приоритетите на Европската агенда за рамномерен регионален развој“, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Најголем дел од средствата ќе бидат наменети за инвестиции во инфраструктурни проекти како што се водоснабдување, третман на отпадни води, изградба на локални патишта.

„Со потпишување на овие спогодби, 23 милиони евра од ЕУ и национални средства ќе бидат директно наменети за руралните области и нивните граѓани. Верувам дека ова претставува одлична можност за реафирмација дека Европа се грижи за руралното население и земјоделство не само во ЕУ туку и во другите земји“, рече евроамбасадорот Аиво Орав.

Руралниот развој во општините ќе се поттикнува и со доплонителни 5,2 милиони евра обезбедени од буџетот на Македонија.