Бараат поголема безбедност: Тетовските гимназијалци ја бојкотираат наставата
Тетовските гимназијалци од македонските паралелки од денеска ја бојкотираат наставата, по инцидентот во петокот кога нивен соученик беше нападнат и завршил во болница со три убодни рани. Заедно со родителите имаат неколку барања и се додека не им се исполнат, велат, не се враќаат во училиште. Инаку, повредениот ученик е во стабилна состојба...

Седум часот и триесет минути. Наместо на настава, тетовските гимназијалци од паралелките на македонски јазик останаа во дворот на училиштето. Бојкотот е поради инцидентот во кој беше повреден нивниот соученик.
Во протестот ги поддржаа и средношколците од другите училишта. Бараат соодветни услови за настава и безбедност кога се на училиште.
„Бараме образование кое можеме да го добиеме без да се плашиме дали ќе бидеме повредени ние или нашите соученици. Бараме безбедност и гаранција дека секој од нас ќе го преживее големиот одмор и дека секој од нас безбедно ќе се врати дома“, вели Дејан Милосавлески, ученик во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово.
До нив застанаа и родителите. Загрижени се за безбедноста на своите деца. Имаат барања без чие исполнување нема да ги пуштаат на училиште.
„Дислокација на македонските паралелки од гимназијата во соодветни простории“, побара Младен Манојлоски, родител.
„Секојдневно се гаѓани и каменувани, дури и на сред час, додека трае настава“, раскажува Зорица Трпкоска, родител.
Одржаа состанок со директорот. Тој најави дека нивните барања ќе ги пренесе до надлежните, а потоа ќе се бара решение.
„После контактите што ќе ги имам со сите фактори, со моите претрпоставени, ќе можам нешто повеќе да одговорам“, изјави Намикќемал Мустафа, директор на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ – Тетово.
Во петокот попладнето пред објектот во кој учат само учениците македонци нивниот соученик доби три убодни рани, по што заврши на скопска клиника.
Полицијата го нашла напаѓачот – 15 годишник од Тетово во чиј дом пронајден е ножот за кој се претпоставува дека го употребил при нападот.
Тетовските гимназијалци со години се поделени. Албанците учат во главниот објект, а македонците во оваа барака која е дотраена и покрај неколкуте обиди за обнова.
Зоран Јованоски
