Хрватскиот Берлускони зад решетки

03.12.2014 17:24

Порано на листата најбогати Хрвати, денес во притвор. Рено Синовчиќ, политичар и сопственик на медиуми и фудбалски клуб е главното лице зад октоподот во сите структури на градот Задар. Судот му ја отфрли кауцијата од над милион евра, тајкунот останува зад решетки...

Падна хрватскиот Берлускони. Сопственик на неколку задарски медиуми, прв човек на ФК Задар, влијателен спортски судија и градски советник, Рено Синовчиќ заврши пред истражен судија под сомнневање за корупција и злоупотреба на положбата.

Уапсени се уште осум лица, меѓу кои и претседателката на задарската даночна управа Стоја Мучај. Во очекување на одлуката за притвор поради можно влијаење врз сведоците, одбраната тврди дека вложувал свои средства за да опстанат фирмите и да се сочуваат работните места.

„Фудбалскиот клуб Задар и компанијата Вокс беа животот на г. Синовчиќ. Тезите дека имал корист на нивна сметка се целосно погрешни. Се што преземал било за да можат да функционираат и да опстанат фирмата и клубот“, вели адвокатот Андреј Корљан.

Истрагата открила вистински октопод во сите структури на градот Задар – со претстечајни договори и низа малверзации предизвикале штета од над 17 милиони евра, на фирмата Вокс во сопственост на Синовчиќ, на ФК Задар, на градот Задар и на државата.

Осомничениот му понудил на судот кауција од над милион евра, која според полицијата е премала за извршениот криминал.

„Побарувањата биле надувани, со претстечајна спогодба се отпишани 70% од долгот на компанијата за да продолжи да функционира со генерирање долгови“, изјави Марко Пупиќ Бакрач, советник на градот Задар.

„17 милиони чисти пари од сметката на ФК Задар отишле на приватна сметка на неговите фирми“, рече Антун Новоселовиќ, советник на градот Задар.

Името на Синовчиќ само пред неколку месеци беше споменувано во медиумите во врска со напади врз новинарите кои изнеле сомневања за претстечајната постапка на неговата фирма. Приведен е откако полицијата му го попречила патот со комби. Во рамките на истрагата, извршен е претрес на неговиот стан и работните простории.

Хрватските медиуми потсетуваат дека пред 10 години бил дел од листите на најбогатите Хрвати, го нарекувале „кралот на рибата на Јадранот“ и бил фудбалски судија со пресудно влијание во Хрватскиот фудбалски сојуз.

По апсењето на загребскиот градоначалник Милан Бандиќ, ова е второ апсење на функционер од висок профил што ја потресе Хрватска.

 

Ивана Салтировска