Македонија го празнува Свети Климент Охридски
Во црковната и во националната историја на македонскиот народ ниедна личност не засветила толку силно и не оставила таков печат и дело како светиот Климент, охридскиот архиепископ и чудотворец...

Свети Климент Охридски не е само просветител туку и голем духовник, книжевник, црковен пастир. Неговото учење, просвета, и неговиот книжевен опус е распространет не само во Македонија туку и низ цела Европа. И навистина, личности од таков карактер ги заслужува целиот свет, ги заслужуваат повеќе народи, а не само еден народ. Во Соборниот храм беше одржана божествена литургија со која чиноначалствуваше неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, господин господин Стефан. Храмот што го носи името на македонскиот просветител беше преполн со верници. Свети Климент има огромно значење за македонскиот народ.
„Свети Климент има огромно и основно значење за Македонија... Најголемо е неговото значење во Македонската православна црква“, велат верниците.
Во црковната и во националната историја на македонскиот народ ниедна личност не засветила толку силно и не оставила таков печат и дело како светиот Климент, охридскиот архиепископ и чудотворец.Тој направил духовна преродба меѓу нашиот народ. Свети Климет Охридски е најистакнат ученик на творците на словенската писменост, светите браќа Кирил и Методиј, и најверен продолжувач на нивното дело.
Ги придружувал дваесетина години во просветителската мисија за одбрана на словенскиот јазик во Велика Моравија. Во младоста отпатувал на Исток, каде што се запознава со верата во Христос. Учители му се самите апостоли.
„Да не заборавиме една очигледна вистина, еден непобитен факт. Се што творел светиот Климент и сите негови подвизи, сето тоа не би можело да се разбере, ниту да се објасни без името на Христа. Господ Исус Христос, бил и останал едиствен двигател на свети Климентовата личност. Затоа во свети Климентовото, го гледаме Христа и Христовото“, нагласи Митрополит Јосиф, Тетовско- гостиварска Епархија.
Не помалку значајна е и преведувачката дејност на свети Климент. На светите Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на потребната литература за црковната богослужба, а самиот го превел целиот Цветен триод.
Бил погребан во манастирот на Плаошник во Охрид, што самиот го изградил и го посветил на св. Пантелејмон.Свети Климент Охридски, меѓу другото, е основач на првиот универзитет во Европа и коректор на првата македонска азбука – глаголицата, што ја нарекол кирилица.
Пред неговиот споменик, дело на скулпторот Томе Серафимовски, се поклонија и положија цвеќиња владина делегација предводена од министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, делегација на Собранието,од Кабинетот на претседателот, од политички партии и од претставници на дипломатскиот кор во државава.
Милчо Велески
