Три компании активно градат, други го трасираат патот за нови инвестиции

08.12.2014 17:25

До крајот на годинава уште една, американска компанија ќе се позиционира во Бунарџик и ќе отвори 400 работни места...

Три странски компании во моментов ги градат своите капацитети во индустриските зони. „Техникал текстајл“ во Штип која ќе биде функционална во април наредната година, во Скопје- „Диатек“, а завршува и втората фаза на „Технохозе“, открива директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо. За 1.000 работни места е зголемен бројот на вработувања во индустриските зони, со што 2014- та се заокружува на 3.500 вработувања. 

„Тоа се три компании, но она што е важно е дека компаниите во Кичево и во Охрид, КСС и ОДВ Електрик, веќе ги имаат адаптирано своите постоечки објекти каде ќе се започне со тренинг и обука на луѓето, а некаде на почетокот на идната година ќе се започне со градба на нивните објекти“, изјави директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.

Со инвестиција од 18 милиони евра, во индустриската зона Бунарџик, ќе се најде и американска компанија која ќе овозможи 400 нови вработувања. Таа е следната која ќе инвестира во Македонија. Според премиерот Груевски договорот ќе биде потпишан кон средината на овој месец. Американската компанија ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња.

„Тоа е една од најреномираните компании во САД и воопшто во светот за инфлатори за воздушни перничиња, каде што ќе има минимум 400 нови вработувања и 18 милиони евра инвестиција. На оваа компанија работиме цели три години мошне посветено, и еве конечно успехот ќе дојде“, изјави премиерот Никола Груевски.

На почетокот на 2015-та година се планира да се отвори и 14-тата индустриска зона во Делчево. Целта е, вели Мизо- регионален развој. Очекува до крајот на годинава најава за уште две до три нови инвестиции со што бројот на вработувања во 2015-та двојно би се зголемил.

Бројот на работни места во зоните годинава, во споредба со 2013-та се зголемил за околу илјада.

 

Дијана Ценевска