Земјите од АСЕАН и Јужна Кореја ја продлабочуваат економската соработка

11.12.2014 11:53

Денеска и утре, главна тема на средбата на земјите од Југоисточна Азија е економскиот развој на регионот преку нов Договор за слободна трговија...

Бизнис и политички лидери се собраа на самитот за стратешко партнерство на земјите од АСЕАН и Јужна Кореја кој годинава се одржува во градот Бусан. Денеска и утре, главна тема на средбата на земјите од Југоисточна Азија е економскиот развој на регионот преку нов Договор за слободна трговија.

„Договорот за слободна трговија опфаќа 16 земји со население од 3 милијарди луѓе и БДП од 17 трилиони долари. Зоната за слободна трговија може да достигне 40 проценти од светската размена“, изјави Теин Сеин, претседател на Мјанмар.

Земјата-домаќин, Јужна Кореја, апелираше до регионалните лидери за поголема либерализација, која ќе помогне во експанзијата на бизнис можностите. После Кина, земјите од АСЕАН се вториот по големина трговски партнер на Сеул, со трговска размена од 130 милијарди долари.

„За жал, Јужна Кореја користи само половина од Договорот за слободна трговија, главно поради недоволно високата стапка на практична либерализација, а стандардот за потврда на потеклото е многу сложен. Го поздравуваме договорот со АСЕАН за олеснување на тргувањето“, рече Парк Ген Хе, претседателка на Јужна Кореја.

Средбата се случува во време на остар пад на цената на нафтата, што предизвика загриженост на светските пазари.

Тоа е исто така тема на Светскиот економски форум на Обединетите нации во Њујорк, каде што експертите сепак ги потврдија прогнозите дека економскиот раст во наредните две години ќе забрзува и покрај товарот наследен од светската економска криза.

 

Ивана Салтировска