Светот страда од бегалска треска
Во изминатите неколку години дојде и до промена на бегалската структура – сега тие од конфликтните зони како Ирак и Сирија се првпат помногубројни од економските емигранти од сиромашната Африка...

Ризикуваат да се удават или да умрат од жед среде вода, додека бесконечно пловат по морето... Светот зафатен од конфликти страда од бегалска треска – милиони бараат шанса за подобар живот, само лани во Средоземното море завршиле над 4 илјади животи, предупреди Комесаријатот за бегалци на Обединетите нации во најновиот извештај.
„Од почетокот на годината, речиси 350 илјади луѓе во светот излегле на море, во потрага по азил или подобри околности. Повеќе од 4 илјади, меѓу кои и многу деца, не го преживеале опасното патување. Бројките се веројатно многу поголеми“, вели Антонио Гутерес, висок комесар за бегалци на ОН.
Во септември имаше случај кога се удавија 500 луѓе - патниците, мажи, жени и деца, одбиле да преминат во помал брод што не можел да го изржи патувањето. Побарале да ги вратат во Египет, но наместо тоа, разгневените шверцери го удриле бродот за да го потопат и се смееле гледајќи ги како тонат.
„Ако цели семејства ги ризикуваат животите на море, тоа е затоа што веќе загубиле се и немаат друг начин да најдат безбедност“, вели Гутерес.
Во изминатите неколку години дојде и до промена на бегалската структура – сега тие од конфликтните зони како Ирак и Сирија се првпат помногубројни од економските емигранти од сиромашната Африка.
„Болно е само да се слушаат приказните на преживеаните за овие трагедии“, додава Гутерес.
Европа се соочува со до сега невидена плима – годинава илегално влегле над 207 илјади илегални емигранти, три пати повеќе од претходниот најголем бран во 2011. Се проценува дека само од Сирија побегнале 1,7 милиони луѓе.
На патот на овие трагачи по подобар живот е и Македонија, како транзитна точка кон западот, исто така со црна статистика на загинати бегалци по нашите пруги.
Ивана Салтировска
