Скопските судови со најстроги санкции- се предлага Закон за порамнување на казните
Скопските судови изрекуваат најстроги санкции. За исто кривично дело, нивните колеги од помалите градови, досудувале и три пати пониски казни. Министерството за правда предлага закон за порамнување на казните...

Скопските судови изрекуваат најстроги санкции. За исто кривично дело, нивните колеги од помалите градови, досудувале и за три пати пониски казни, што ги става во нееднавка позиција осудените за исти или слични кривични дела, покажува анализата на Министерството за правда. Затоа предлагаат Закон за порамнување на казните. Но големо влијание ќе има дали обвинетиот имал кривично досие.
„Може да се земе било кој пример, еве кај паричните казни, ако таа казна е од 100 до 180 дневни глоби, се позиционира дека тој веќе има две пресуди за сторено кривично дело, ја добива средната вредност на казната која треба да се изрече“, изјави Илија Ристовски, државен секретар во Министерството за правда.
Судијата и натаму ќе има дискреционо право да одлучува, но со пресудата ќе мора да пополни и работни листови и да објасни кои олеснителни и отежнителни околности ги зел предвид при одмерување на санкцијата.
„За кривично дело тешка кражба апелационите судови во Гостивар и Штип изрекувале два пати помали казни од апелационаните судови во Скопје и Битола“, вели Даниела Рангелова, пратеник во Собранието на Р. Македонија.
Досега оваа проблематика се регулираше со Правилник, кој не ги даде очекуваните резултати. Дали пресудите ќе бидат коректни, контрола ќе врши посебна комисија.
Анита Димитријевска
