Унгарија останува силен поддржувач на македонските евроинтеграции

11.12.2014 17:32

Нема дилеми дека Унгарија е силен поддржувач на македонските евроинтеграции. Вакво уверување доби шефот на дипломатијата Попоски од својот домаќин за време на официјална посета на Будимпешта...

20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи со потпишани над 40 договори, говори за одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија- заедничка констатација на министерот Никола Попоски и неговиот унгарски домаќин, Петер Сијарто денес во Будимпешта.

На средбата е разговарано за зголемување на економската соработка преку отварањето на унгарска економска куќа во Македонија, како и преку проектите во енергетиката и железничката инфраструктура за што Унгарија пројавува голем интерес.

„Дискусиите со соговорниците одеа во насока на тоа дека предизвиците со кои се соочува ЕУ го имаат сменето контекстот. Додека Унгарија пристапуваше кон ЕУ постоеше ентузијазам и имаше политичка одлука. Денес има сериозни предизвици и во економското и во безбеденосното опкружување на ЕУ и Балканот определен временски период неможе да очекува на промена на таа средина. Но, значајно е земји членки на ЕУ како Унгарија и Вишеградската група да ја туркаат агендата за целосна интеграција на балканските земји во ЕУ, како најдобра можност за гарантирање на сигурност и просперитет во овој дел од Европа“, изјави шефот на дипломатијата, Никола Попоски.

Унгарскиот министер Сијарто со констатација дека во изминатите 9 години трговската размена со Mакедонија е зголемена за 20%.

„Интересот на Унгарија е во Белград наредната недела на самитот со Кина, заедно со Македонија, Србија и Грција да потпише договор за унапредување на транспортот на кинеските производи од Атина преку Скопје и Белград за Будимпешта“, изјави Петер Сијарто, министер за надворешни работи на Унгарија.

Покрај домаќинот Сијарто, министерот Попоски оствари средба со спикерот на унгарскиот Парламент, Ласло Ковер. Во институтот за надворешни работи министерот Попоски одржа предавање за важноста на интеграциите на земјите од Балканот во ЕУ.

 

Оливер Бранковиќ