Мелнички мост кај Дебар се обновува по повеќе од 40 години

12.12.2014 18:31

Засветка осветлувањето на Мелнички мост пред Дебар. Покрај тоа, мостот е обновен по повеќе од 40 години од изградбата. Од Јавното претрпијатие за државни патишта информираа дека за обновата и осветлувањето се инвестирани речиси 72 милиони денари...

Привршува обновата на Мелнички, мостот пред Дебар. Изграден е 1970 година, а ова е прва негова обнова по повеќе од 40 години. Мостот е со должина од речиси 370 метри. Зајакнати се бетонските и челичните површини, столбовите, поставена е нова ограда... Со тоа вградени се 92 тони арматура.

„Очекуваме деновиве и званично да ги завршиме работите со извршување технички прием од страна на надзорниот инженер и изведувачот. Оваа година во земјава отпочнавме со санација и градба на пет мостови, две градби и три санации, почнувајќи од Велес, Радовиш, како и овде во Дебар. Целата таа инвестиција за оваа година не чини над 160 милиони денари“, изјави Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за државни патишта.

Со санацијата заштитен е и цевководот за водоснабдувањето на Дебар. Градежно санационите работи се со инвестиција од 69,6 милиони денари.

Покрај обновата на мостот, осветлена е и делницата во должина од 650 метри, со поставени 18 канделабри.

Осветлувањето е со ситем за заштеда на електрична енергија. Инвестицијата е околу 2,3 милиони денари.

Од ЈП за државни патишта информираа дека годинава осветлени се околу 10,5 километри клучки и патишта во вредност од речиси 44 милиони денари.

Допрва ќе следи обнова на делницата од Мелнички мост до влезот во Дебар, за што се обезбедени средства преку Светска банка. Кон крај се и работите за обнова на патот од браната се до ски центарот во Маврово.

 

Зоран Јованоски