Традиционалните производи модерно спакувани- привлечни за туристите
Ученици и студенти од Охрид презентираа дел од наученото во рамките на проектот „Младите како носители на знаењето, културата и традицијата“, подржан од Министерството за култура. Обуките беа насочени кон зачувување на традиционалните вредности и производи кои во иднина би се нуделе на гостите преку нови иновативни и трендовски начини на пакување на производите...

Традиционалните јадења и рачно изработените предмети карактеристични за охридскиот регион треба на гостите да им се нудат како осмислен пакет со своја приказна, што ќе биде интересна за нив и што ќе ги испровоцира дел од тие производи да понесат со себе. Тоа беше целта на обуките за млади лица кои во исто време учеа како на современ начин да вршат маркетиншка промоција преку електронски брошури.
„На овој начин ќе го поттикнеме креативниот дух на младите во однос на промовирањето на традиционалните вредности и начинот на нивниот маркетиншки пристап до јавноста“, вели Ѓоко Апостолов, сектор за туризам и локален економски развој, општина Охрид.
„Ги бараат затоа што се уникатни, рачно изработени. Се интересираат туристите,посебно за охридската куќа“, изјави Соња Трифуноска, занаетчија.
Својата креативност младите треба да ја искажат и преку начинот на сервирање и пакување на македонската традиционална кујна.
„Треба да имаат еден штанд во кој ќе имаат спакувани производи, кои што со мала приказна, вино, ајвар, пинџур, туршии, кои што понатака туристите ќе ги однесат во своите домови и тоа е онаа приказна кога ќе ги викнат своите пријатели и заедно ќе го поделат тој оброк“, вели проф. д-р Ангела Василеска.
Сакаме да им покажеме на угостителите дека и традиционалната храна од овие простори може да се спакува на современ, дури и футуристички начин и да им дадеме пример на младите како тоа да го искористат во некои идни претприемачки активности, рече Василеска.
Сашо Нелоски
