Фудбал – ФИФА Светско клупско првенство

Оукленд и Круз Азул во полуфиналето!

13.12.2014 23:37

Новозеланѓаните со 1:0 го совладаа африканскиот првак Сетиф од Алжир и во големата четворка, в среда ќе се обидат да му се спротивстават на освојувачот на Копа Либертадорес, аргентински Сан Лоренцо...

Некогашната пресметка на европскиот и на јужноамериканскиот првак којашто прерасна во ФИФА светско клупско првенство е шанса за анонимните клубови да се појават на главната фудбалска сцена.  Еден од нив е и шампионот на Океанија, Оукленд Сити којшто се пласираше во полуфиналето на турнирот во Мароко. Новозеланѓаните со 1:0 го совладаа африканскиот првак Сетиф од Алжир и во големата четворка, в среда ќе се обидат да му се спротивстават на освојувачот на Копа Либертадорес, аргентински Сан Лоренцо.

Противник на преставникот на стариот континент Реал Мадрид, ќе му биде мексикански Круз Азул. Најдобрата екипа во Конкакаф зоната славеше против победникот на азиската Лига на шампионите, австралиски Сиднеј Вондерерс со 3:1. Овој полуфинален дуел ќе се одигра во вторник, финалето пак на 20 декември во Маракеш.

Досега не се случило некоја екипа од друг континент да биде светски клупски првак. Во вечната пресметка Европа води против Јужна Америка со 27:26.