Скопје се подготвува за пречек на најлудата ноќ

15.12.2014 14:28

За пречекот на 2015-та година, односно за Нова Година на плоштадот Пела ќе биде поставена бина, а присутните ќе ги забавуваат Дани, Маја Панчева, Ерик и Симона, Есма, Сузана Спасовска, Наум Петревски, Мустафа Имери, Даниел Кајмаковски и Куку леле, а Новата 2015 година ќе ја дочекаат со песните на Елена Ристевска...

Македонската метропола се подготвува за пречекот на најлудата ноќ во годината. Прославата почнува на 25 декември. Ќе настапат голем број исклучиво домашни  музички ѕвезди, а на полноќ Елена Ристевска. Годинава првпат се организира трка на Дедомразовци за што веќе се обезбедени 500 костими за потенцијалните учесници.

„Годинава во центарот на градот ќе се организира првиот  Новогодишен волшебен парк со поставувањето на специјално новогодишно осветлување и украсување со декоративни елементи и украси, кој ќе има повеќе содржини:Новогодишен маркет, Детско волшебно катче, Распеана елка, Новогодишни работилници со млади дизајнери, Организирана забавна програма  и за прват годинава ќе се организира и Дедомразовска трка“, изјави градоначалникот Коце Трајановски.

Директорката на Универзална сала, Вера Бошковска, ги повика граѓаните да дојдат и да се забавуваат во Новогодишениот  волшебен парк, во паркот „Жена-борец“, којшто од 25 до 30 декември ќе биде отворен за посетители од 11 до 21 часот, а забавните програми ќе се одвиваат од 16:30 до 20 часот.

„И годинава со задоволство учествуваме во  подготвувањето на волшебно доживување за време на новогодишните празници и очекуваме  граѓаните да уживаат во одлична забава со познати музички рефрени“, истакна Жарко Луковски  главен извршен директор на T-Mobile Македонија.