Со задолжителното осигурување на хонорарците се заштитуваат работничките права

16.12.2014 16:46

Со плаќањето придонеси и за хонорарите ќе се создадат услови за граѓаните да добијат пензија. Министерот за труд и социјала ги објаснува законските измени кои ќе важат од први јануари. Сојузот на синдикати оценува дека со ова ќе се елиминира нелојалната конкуренција и ќе помогне подобро да се вреднува трудот...

Законот за задолжително осигурување на хонарците не се одлага, ќе стартува на први јануари, дециден е министерот за труд Диме Спасов. Според него право на пензиско и здравствено осигурување имаат сите што учествуваат во процесот на работа, а не само вработените.

Не смееме да дозволиме социјална несигурност- вели Спасов. Тврди дека целта на законските измени е да се заштитат работничките права, а ќе се создадат услови тие граѓани да добијат пензија.

„Не е во ред двајца работници, едниот кој што е платен за сите работи кои ги извршува, другиот којшто работи исто толку колку него а не е пријавен, да не оствари старосна пензија“, изјави министерот за труд и соцјална политика, Диме Спасов.

Според првиот синдикалец, Живко Митревски со Законот ќе се елиминира  нелојалната конкуренција, а ќе помогне да се вреднува трудот на работникот. За синдикатот значајно е овие работници да бидат внесени во системот на социјални осигуреници.

„За нас е во интерес за секој оној труд кој треба да биде валоризиран, истиот да биде и платен, истиот да биде валоризиран и со пензиско и со здравствено осигурување“, вели претседателот на ССМ, Живко Митревски.

Законот предвидува придонесите за авторскииот или договор за дело да ги плаќа работодавачот, но, доколку се остваруваат  приходи од повеќе договори тогаш работникот сам ќе си ги плаќа придонесите. Според анализите, голем дел од вработените во приватниот сектор работат за минимална плата, а дел од нив се  хонорарци кои беа елиминирани од сите работнички права.

 

Дијана Ценевска