Се одлага примената на задолжницата
Задолжителната задолжнца ќе стартува од април. Одлуката според вицепремиерот Ставревски е на барање на бизнис заедницата за да се доуреди начинот на нејзиното издавање...

Наместо од Нова година, задолжителната задолжница ќе стартува од април. Пролонгирањето е на барање на бизнис заедницата која се соочува со проблемот на повторување на повеќе трансакции дневно со еден ист добавувач, поголеми од предвидениот износ од 5.000 евра.
„Имаме отворено прашање каде што имаме рамковни договори каде имаме неколку стотици фактури дневно над 300 илјади денари, и како тоа да го затвориме“, изјви Сеад Кочан, заменик претседател на Сојуз на стопански комори.
Задолжителната задолжница е во функција на заштита на доверителите. Се надминува децениски проблем и се зголемува сигурноста во наплатата, велат од ресорот за финансии. Прифатена е сугестијата на Комората да се доуреди начинот на издавањето на овој нов инструмент, особено кога станува збор за идентична трансакција што се повторува повеќекратно.
„Предложивме да се дополни Законот во насока да се овозможи рамковно да се издава задолжницата за поголем износ на средства со цел да не мора фирмите да се занимаваат со бирократски процедури. Доколку компанијата работи постојано со одредена фирма да може на еден рамковен износ да ја даде задолжницата, еднаш и да не мора за секои пет илјади евра да оди кај нотар, да ја заверува и слично“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во емисијата „Акцент“ на МРТ1.
Треба да се промени менталитетот на работење во бизнис секторот, културата на плаќање на обврските да се подобри и да се почитува, затоа што сите имаат проблеми со ликвидноста, вели претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска. Според неа, задолжницата е надополнување на законот за финансиска дисциплина со што значително се подобрува положбата на доверителите.
Свето Николовски
