Американска компанија ќе отвори 400 работни места во Скопје
Директорот Хач вели дека конечната одлука паднала поради ниските трошоци за правање бизнис, атрактивниот даночен пакет, квалитетната работна сила, посветеноста на државните институции за привлекување странски инвеститори...

Американската компанија „Капкон“ и официјално влегува во Бунарџик. Ставен е потпис на договорот за инвестицијата вредна 18 милиони долари која ќе отвори 400 работни места. Компанијата ќе почне да работи на лето. Од слободната зона во Скопје ќе ги снабдува клиентите низ Европа со инфлатори за воздушни перничиња и ќе биде целосно извозно ориентирана.
„Овој производствен капацитет кога ќе стане целосно оперативен ќе вработи 400 луѓе. Ние планираме да ги прошириме нашите активности во Македонија и да отвориме технички центар, во кој ќе ја лоцираме инженерската поддршка за автомобилската индустрија и ќе ангажираме локални инженери“, изјави Али ел Хач, главен извршен директор на компанијата.
Американците неколкупати ја посетиле земјава. Разгледувале и други локации. Директорот Хач вели дека конечната одлука паднала поради ниските трошоци за правање бизнис, атрактивниот даночен пакет, квалитетната работна сила, посветеноста на државните институции за привлекување странски инвеститори.
„Оваа инвестиција целосно се вклопува во напорите на Владата за привлекување глобални реномирани компании кои ќе направат значителни промени во економијата. Тие промени веќе се случуваат. Во зоните глобалните компании досега отворија 11.000 работни места. Со најавените странски инвестиции, кои во претстојниот период ќе се реализираат со сигурност, се очекуваат да се отворат уште 13.000 работни места“, рече Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Странските инвеститори комплетно ја променија структурата на македонскиот извоз. Сега во светот испорачуваме производи со висока додадена вредност, па извозот годинава надмина милијарда евра, за 55% повеќе во однос на лани.
„Нема да застанеме тука. Ќе продолжиме со напорната работа со уште поинтензивно темпо, сè со цел да креираме нови работни места за граѓаните на Р.Македонија“, нагласи Кристијан Делев, заменик – министер за економија.
„Капкон“ најавува соработка и со домашните компании, да бидат добавувачи на материјали потребни за производствениот процес на Американците. За три дена две американски компании од автомобилскиот сектор се решија да инвестираат во Македонија. Вкупно ќе отворат околу 1.500 работни места. Првата компанија ќе се позиционира во Прилеп, втората во слободната економска зона Бунарџик во Скопје.
„Капкон“ е американска компанија со производствени капацитети на повеќе континенти: во Северна и Централна Америка, Европа, Азија и Северна Африка.
Мартин Пушевски
