Расте тензијата - јавната безбедност во САД повторно е на тест

24.12.2014 18:05

Расте расната нетрпеливост во САД. Ново убиство на афроамериканско момче од страна на полицаец. Инцидентот предизвика револт кај граѓаните на Сент Луис. Неколкумина се уапсени...

Јавната безбедност во САД повторно е на тест. Расте тензијата, откако полицаец застрела осуманесeтгодишен  афроамериканец. Тинејџерот Тони Мартин настрадал на бензиска станица во предградие на Сент Луис во државата Мисури. Полицаецот се доближил до  две момчиња, кои му биле сомнителни. Едното од нив извадилo пиштол и го вперилo во него. Полицаецот веднаш истрелал неколку куршуми при што му нанел смртни рани.

„Ни се случија низа трагедии. Без оглед на одлуките на тој човек, имаме семејство што остана без еден од своите за Божиќ. Трагично е и за полицаецот кој ќе ја носи тежината на ова до крајот на животот“, вели портпаролот на полицијата.

Силите за безбедност велат дека убиството било извршено во самоодбрана, очевидци тврдат  дека момчето не било вооружено.

„Не, не тој немаше пиштол. Неговата девојка живее овде, тој доаѓаше кај неа. Полицијата е виновна, тие сега нема да кажат како навистина се се случило“, изјави мајката на убиеното момче.

Инцидентот повторно предизвика бран демонстрации. Неколку илјади граѓани излегоа на протести.  Со транспаренти „Стоп на полицискиот терор“ и  „НЕ за расизмот“, демонстрантите ги нападнаа силите за безбедност. Неколкумина се уапсени.

„Ужасно е тоа што го прават полицајците. Ние сакаме да претсане насилството. Мислам дека градоначалникот и претставници на полицијата мора да почнат разговори со народот за смирување на тензијата“, вели Џина Белафонте, демонстрантка.

„Не можеме проблемите да ги ставаме под тепих, се додека така се однесуваме со проблемите ќе ни се случуваат вакви ситуации“, вели Еуген Пурер, демонстрант.

Во август беше убиен Мајкл Браун, но полицаецот кој го застрела беше ослободен од обвинение. Потоа следуваа уште 3 убиства на афроамерикански момчиња од страна на полицијата.

 

Марија Петковска