Европа окована во снег
Ниските температури и снежните врнежи заробија околу 15.000 автомобили на француските Алпи. Возачите ја минаа ноќта во импровизирани засолништа во 12 општини во источните и во северните делови на Франција...

По невообичаено топлото време за оваа сезона, вистинска зима пристигна во Европа. Ниските температури и снежните врнежи заробија околу 15.000 автомобили на француските Алпи. Возачите ја минаа ноќта во импровизирани засолништа во 12 општини во источните и во северните делови на Франција, а голем дел од нив поради преполните места, биле принудени да ја минат ноќта во своите автомобили.
„Заробени сме на патот уште од 18 часот вчера. Решивме да побараме засолниште во Албертвил. Но сепак, имаме добра опрема, па ќе го продолжиме патувањето“, вели еден возач.
„Кога видов колку луѓе спијат во салата, знаев дека нема да се наспијам. Затоа решив да останам во автомобилот. Го затоплувам на секои неколку часа“, додава друг.
Францускиот весник „Монд“ пишува дека во текот на неделата загинале три лица во несреќи поврзани со лошите временски услови. Снегот создава проблеми и во Германија, каде што има колона со возила долга 25 километри.
Британската метеоролошка служба издаде предупредување за екстремно ниски температури, лед и снег во делови од земјата, а стотици семејства останаа без електрична енергија.
Студеното време не го одмина ниту Балканот. Во Хрватска и во Србија поради лошите услови на патиштата властите ги предупредуваат граѓаните да не излегуваат од домовите доколку немаат потреба.
Нема информации за прекини во електричната енергија. Метеоролозите велат дека студеното време и снежните врнежи ќе продолжат и во следните денови.
Марина Автовска
