Груевски: Во 2015-тата најмалку 25 нови странски инвестиции
Во новогодишното обраќање премиерот Груевски најави - најмалку 25 нови инвестиции во 2015- тата, намалување на невработеноста, крупни реформи во образованието, инвестициски бран во здравството. Продолжуваат напорите за зачленување во НАТО и Европската Унија.

Добро здравје, многу љубов, спокојство и лични успеси на приватен и професионален план – на граѓаните им посакува премиерот Никола Груевски. Во новогодишното обраќање најави - најмалку 25 нови инвестиции во 2015- тата, намалување на невработеноста, крупни реформи во образованието, инвестициски бран во здравството. Продолжуваат напорите за зачленување во НАТО и Европската Унија. 2014- тата Груевски ја оцени како година на многу предизвици, проблеми, но и успеси.
„Сите овие фактори и показатели очекуваме да продолжат и во 2015-та. Донесувањето на странските компании, иако на почетокот критикувано од опозицијата, се покажа како полн погодок. Тие дадоа нов импулс на нашата економија, но и на многу постоечки македонски компании кои станаа нивни партнери или добавувачи. Тоа ме чинеше многу труд, време, енергија, напорни патувања, и мене и мојот тим за привлекување инвестиции, но се исплатеше. Се исплатеше и големата посветеност да се создаде добра бизнис клима во земјата, која е предуслов да дојдат странските фирми. Не останавме должни и кон домашните фирми. Не само што сите поволности важат и за нив, целата таа подобрена атмосфера на бизнис ја користат и тие, тукуза нив излеговме и со нова кредитна линија со најниски можни камати во земјата од 5,5 отсто, што беше сериозно гориво во моторите на домашната економија“, вели премиерот Груевски во новогодишното обраќање.
Премиерот Груевски нагласува дека фактот што Светската банка не вбројува во 30-те најдобри земји во светот според условите за водење бизнис, ни гарантира успех и за 2015-та, а досега стекнатото искуство, ми дава за право, ако минатата година ветив дека најмалку 20 странски компании ќе донесат и објават одлука за инвестирање во Македонија, што и се оствари и надмина, сега можам да ветам дека најмалку 25 нови компании во 2015-та ќе го направат истото.
