Дорис Пак: ЕУ прави грешка што не започнува преговори со Македонија
Грција е таа која се уште блокира. Не знам како да се изразам: Не би зборувала за Грција, туку за грчките политичари кои не гледаат што се случува од другата страна и не се согласуваат да земјата се развива кон Европската Унија, вели поранешната европратеничка Дорис Пак...

Дорис Пак се повлече од функцијата европратеник, на која беше најзаслужна при донесувањето на најновата програма за мобилност на младите во Европа – Еразмус+ и Креативна Европа. Со неа се сретнавме при доделувањето на филмската награда „Лукс“ на Европскиот парламент, која беше иницирана од нејзина страна и која таа денес ја координира.
Но, тоа беше пред сѐ прилика да поразговараме за случувањата околу евроинтеграциите на Македонија и воопшто на Балканот, земји со кои директно се занимаваше за време на нејзината европратеничка функција од 1989 до 2014 година.
За недозволувањето на Македонија да ги започне преговирите таа е на мислење дека ЕУ прави грешка.
„Тоа е крајна грешка. Тоа е и поради нашето правило кое му дава на Европскиот совет да одлучува едногласно за отворањето на преговорите. Грција е таа која се уште блокира. Не знам како да се изразам: Не би зборувала за Грција, туку за грчките политичари кои не гледаат што се случува од другата страна и не се согласуваат да земјата се развива кон Европската Унија. Грчкиот национализам кој ја прави блокадата го разгорува и македонскиот национализам. И ова доаѓа од една земја која е членка на Европската унија, членка на НАТО, од што таа земја стравува? Од ништо. Од една мала земја која се вика Македонија? Господи, ако речеме Македонија или Северна Македонија, на крајот не можеме да негираме дека луѓето кои живеат таму се Македонци, зборуваат Македонски јазик, имаат македонско вино, македонско грозје или македонско сирење, сето тоа негирање оди само во полза на национализмите“, вели Дорис Пак.
Дорис Пак смета дека со Охридскиот договор се создаде нова основа за секојдневниот соживот во Македонија, правата кои им беа дадени на Албанското малцинство беше нов почеток за земјата.
„Но дојдоа соседите со нивното однесување кое не е европско и ќе им порачам бидејќи тие се православни, дека тоа не е христијански. Тоа нивно однесување ме нервира одамна и страдам со Македонците. Мислам дека се она што се случува сега е резултат на лошото однесување на соседите“, додава Дорис Пак.
На нашето прашање дали Европската Унија и земјите членки можат да извршат притисок за решавање на спорот со името, таа вели:
„Кога се уште бев во Европарламентот дискутиравме за финансиската помош на Грција, јас бев единствената која во мојата дискусија побарав дека во замена треба да се побара таа да се однесува поевропски и да ни помогне да го решиме проблемот меѓу двете земји. Но добив љубезни ветувања од моите колеги и уште еднаш сакам да нагласам дека тој национализам не смее да постои во една европска земја и мислам дека православната црква за жал игра голема улога во тоа прашање“, смета Пак.
На крајот, запрашана дали е оптимист дека наскоро ќе се најде решение за ова, Дорис Пак одговара:
„Не можам да речам дека не сум оптимист, но не знам како ќе успееме да ги убедиме Грците да го сменат нивното мислење“.
Поранешната германска европратеничка посебно е загрижена за ситуацијата во Босна и Херцеговина или за тоа како може да се побара Србија да го признае независно Косово, кога тоа не е признато од сите земји членки на ЕУ.
Притоа таа изразува мало жалење- „Во Парламентот останаа многу малку европратеници кои имаат историско познавање на ситуацијата на Балканот“.
Тони Гламчевски
