Поголем дел од охридските и струшките села добија струја

04.01.2015 15:02

ЕВН Македонија соопшти дека струја имаат селата Куратица, Ливоишта, Випала, Мали Влај, Томорос, Лескоец, Коњско, Стење и Мислешево...

Снабдувањето со електрична енергија во текот на ноќта и раните утрински часови е стабилизирано во поголем дел од селата во охридскиот и струшкиот крај.
 
ЕВН Македонија соопшти дека струја имаат селата Куратица, Ливоишта, Випала, Мали Влај, Томорос, Лескоец, Коњско, Стење и Мислешево.
 
- Екипите на ЕВН Македонија работат на санирање на дефектите кон граничниот премин Ќафасан. Заедно со месното население се подигнуваат паднатите столбови во село Мислодожда. Во Охрид, Струга, Ресен и во повеќе села од овој регион екипите на ЕВН ги санираат помалите прекини на ниско-напонската мрежа. Најпроблематичните населени места во охридскиот и струшкиот регион добија електрична енергија, истакнува ЕВН Македонија. 
 
Новиот 10 киловолтен далекувод во Реканскиот крај, според соопштението, е во завршна фаза на поставување.
 
- Низ новоподигнатите столбови се поставуваат проводниците и изолаторите и се премостува врската низ Дебарско езеро. Се работи интензивно за да се нормализира снабдувањето со електрична енергија на селата во Реканскиот крај. Пробивањето на екипите на ЕВН до местата на дефектите уште е отежнато, голема помош имаат од екипиоте на МВР со санки со што времето за пристигнување на критичниуте места е скратено, се вели во соопштението.
 
За работа на дистрибутивната мрежа ангажирани се над 230 електромонтери. Екипите, како што посочуваат од компанијата, ќе останат на терен се додека и најоддалечените места и последниот корисник не бидат снабдени со електрична енергија.