Студентите со предлог за државниот испит

04.01.2015 17:05

Ваквиот предлог на студентите доаѓа како надополнување по иницијативата на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид, во која тие се залагаат студентите да можат да одат на предавања, односно да слушаат предмети од трета година...

Студентите од скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, од битолскиот „Св. Климент Охридски“ излегоа со предлог- студентите кои запишале трета година, а не го положиле државниот испит да можат да полагаат една третина од предметите во запишаната година.

Ваквиот предлог на студентите доаѓа како надополнување по иницијативата на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид, во која тие се залагаат студентите да можат да одат на предавања, односно да слушаат предмети од трета година, независно од тоа дали го положиле првиот дел од државниот испит, кој би се реализирал по завршувањето на втората студиска година.

„Со ова би се зголемила мотивацијата кај самите студенти затоа што на некој начин би се обезбедил дополнителен период во кој студентите кои не го положиле од прв пат првиот дел од државниот испит ќе имаат можност да се подготват подобро и да продолжат без притоа да заостануваат во поглед на преодноста во следното ниво на студирањето“, вели Михаела Капсаревска, Студентски парламент УКИМ.

„Со ова би се зголемила флексибилноста, така што би постоел дополнителен период како студентите би се спремиле за полагањето на државниот испит, а притоа не би заостанувале со студирањето“, изјави Христина Петровска,  Студентски парламент на универзитет „Св. Климент Охридски“.

Министерството за образование веќе го прифати предлогот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид  и предлогот на ФИНКИ кој побара да се остави простор 30 до 40% од програмата универзитетите сами да ја креираат.

Инаку триесетина нови професори од универзитетите во Македонија се приклучија на иницијативата за поддршка на реформите во високото образование и за полагање државен испит. Иницијативата насловена „За поддршка на знаењето во високото образование“ претходно ја поддржаа околу 200 професори.

Според нив, предложениот модел за воведување на државниот испит во високото образование не е спротивен на македонскиот Устав и во ниту еден сегмент не ја повредува уставно загарантираната универзитетска автономија.

Од друга страна, пак, иако бројот на научни трудови со импакт фактор од страна на македонските професори е на незавидно ниво, сепак како позитивен пример се издвојуваат академикот проф. д-р Горазд Росоклија и академик проф. д-р Живко Попов.

Во областа на истражувањето на невропатологијата и невроимунолдгијата, Росоклија има објавено 117 научни трудови на Web of science, додека единствен трансплантолог на бубрег, академик проф. Попов има објавено 37 научни трудови со импакт фактор на Web of science.

 

Миле Ристески