Со традиционалниот Бадникарски оган почнува празнувањето на Христовото раѓање

04.01.2015 17:23

Свештени лица од Македонската православна црква – Охридска архиепископија објаснуваат – суштината е во заедништвото, но дружењето треба да биде во божјите храмови...

Православните верници ги почнуваат чествувањата пред големиот празник -Христовото раѓање. Утре се пали Бадникарскиот оган, денеска се прават последните подготовки. Се берат дрвцата секаде низ Македонија.

Бадникарскиот оган се верува дека го симболизира загревањето на пештерата кај Витлеем во која се родил Исус.

Бадникарското гранче е симбол за задутрешниот празник Божиќ, кој претставува еден од најсветлите празници за сите православни верници.

И повторно се поставува прашањето – дали палењето на Бадникарскиот оган е пагански или православен обичај. Свештени лица од Македонската православна црква – Охридска архиепископија објаснуваат – суштината е во заедништвото, но дружењето треба да биде во божјите храмови.

Во вторник е Бадник, а во среда Божиќ, за православните верници – неработни денови, денови во кои треба да се биде со семејството.

 

 

Александра Перевска