Поголем дел од најпроблематичните охридски и струшки населени места добија електрична енергија

04.01.2015 17:49

Од ЕВН велат дека во санирање на последиците од снежното невреме во земјава ангажирале вкупно 230 електро монтери, а на терен е и врвниот менаџмент...

Сијалиците повторно светнаа во најпроблематичните населени места во охридскиот и во струшкиот регион. По повеќе дена темнина и живеење со свеќи и без електрична енергија  нормализирано е снабдувањето во Куратица, Ливоишта, Вaпила, Мали Влај, Томорос, струшко Лескоец, Коњско, Стење и селото Мислешево. Се работи на поправка и на електричната мрежа кон граничниот премин Ќафасан и во селото Мислодежда.

50 монтери и технички лица на ЕВН Макеоднија се ангажирани на санирање на дистрибутивната мрежа во Реканскиот крај. Поставени се 12 нови столба  и се работи на поставување на изолаторите и проводниците.

Од ЕВН велат дека во санирање на последиците од снежното невреме во земјава ангажирале вкупно 230 електро монтери, а на терен е и врвниот менаџмент.

„Во енормно тешки услови, минусни температури со виулица и силен ветер, успеаа во такви услови само за два дена да изградат нов даелковод. Се надевам дека до крајот на денот ако не послужат временските услови ќе ги завршиме сите активности“, изјави Игор Гиевски – член на УО на „ЕВН-Македонија“.

Поради ниските температури потрошувачката на струја е зголемена за 20 до 30% во однос на вообичаенаата, а во населените места кои беа без струја таа е повисока за 60%. Од ЕВН апелираат на рационална потрошувачка.

„Она што е важно во овој дел каде што беше кризата, да се загреваат просториите, да се затоплат луѓето, но да биде рационално за да не доаѓа до преоптоварување на трафостаниците“, изјави Атанас Ковачевски – портпарол на „ЕВН Македонија“.

За да стигнат на критичните места на екипите на ЕВН им помага со моторни санки  полицијата, но и месното население. Потрошувачите имаат разбирање за лошото време, но забележуваат дека малку се инвестирало во набавка на специјални возила и опремување на мобилните екипи за работа во зимски услови, зајакнување на дистрибутивната мрежа во руралните предели, градењето паралелни далноводи и санирање на критичните точки.

 

Свето Николовски