Кризен штаб: Нема веќе критични точки, речиси сите населени места добија електрична енергија
До вечер, струјата ќе стигне и до неколкуте преостанати ненаселени населби Луково, Гари и Лазарополе...

Во земјава веќе нема критични точки и речиси сите населени места добија електрична енергија. До вечер, струјата ќе стигне и до неколкуте преостанати ненаселени населби Луково, Гари и Лазарополе.
„Во Република Македонија од вчера во доцните попладневни часови повеќе немаме критични точки, односно региони кои немаат снабдување со електрична енергија. Во доцните попладневни часови беше пуштен во функција новиот далековод кој го изградивме во изминатите два дена, на потегот Бошков мост- трафостаница Јанче, со неколку специјални столба околу Дебарското езеро“, изјави Игор Гиевски, ЕВН.
Кризниот штаб соопшти дека се спасени 4 лица во дебарско, кои биле завеани во кола, како и 4 деца и едно возрасно лице од Гари.
„ДЗС при работата во општина Дебар, спаси четири лица кои беа завеани од обилните снежни врнежи. Истите беа пренесени на безбедно место, од Лазарополе до Бошков Мост. Исто така во село Гари ДЗС спаси четири дечиња и едно постаро лице кои беа завеани и беа пренесени на безбедно место“, потврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу.