Лош безбедносен рејтинг: Забранети летовите за Европа на речиси сите индонезиски авиокомпании

05.01.2015 13:33

Речиси на сите компании им се забранети летови за Европа, откако во 2007-та Меѓународната организација за цивилно водухопловство го намали безбедносниот рејтинг...

И се заканува ли на „Ер Азија“ трајно одземање на лиценцата за работа? Според експерти, авионот воопшто не требало ни да полета. Но, ова не е единствена индонезиска авиокомпанија која ги прекршува правилата. Речиси на сите компании им се забранети летови за Европа, откако во 2007-та Меѓународната организација за цивилно водухопловство го намали безбедносниот рејтинг.

Потрагата по телата на патниците и остатоците на ербасот продолжува. Досега од Јаванско море се извадени 34 тела од вкупно 162-та патници кои загинаа на кобниот лет. Само деветмина од нив се идентификувани и вратени кај семејствата. Волонтери на црвениот крст поставуваат штандови пред болниците за поддршка на ужалените.

„Не ја чувајте тагата во вас. Пуштете ја. Ќе останеме со семејстват да ги зачуваме сите убави спомени на своите сакани“, вели еден волонтер.

Просторот за пребарување е проширен и фокусиран на околу 90 наутички милји од брегот на островот Борнео, каде што беа пронајдени пет големи објекти за кои се верува дека се делови од авионот. Во акцијата се вклучени и девет брода од четири земји.

„Времето е погодно. Нема облаци. Ветрот е мирен и сите придружни елементи се во наша корист“, изјави Џонсон Супраиди, координатор на воздухопловниот спасувачки тим.

Црните кутии по кои веќе 8 дена се трага треба да ја обелоденат вистината за несреќата. Засега како причина се наведуваат лошото време и мразот наталожен на моторите поради студот.

 

Бојана Крстевски