ЖРК Вардар тренерски се засилува

Ким Расмусен консултант во стручниот штаб на Кастратовиќ

05.01.2015 15:42

Селекторот на Полска, данскиот стручњак Ким Расмусен во наредните две и пол години ќе работи како тренер-консултант во стручниот штаб на Индира Кастратовиќ...

Со желба одново да се најде во друштво на најдобрите европски екипи и на годинашниот „фајнал фор“ од Лигата на шампионките, Вардар го засилува стручниот штаб. Селекторот на Полска, данскиот стручњак Ким Расмусен во наредните две и пол години ќе работи како тренер-консултант во стручниот штаб на Индира Кастратовиќ.

Среќен сум што сум во овој клуб. Се радувам што ќе работам со Индира, нашата цел е да го развиеме и да го унапредиме овој тим и да постигнуваме што поголеми резултати. Ќе работиме напорно да дојдеме на врвот на светот. Го следев Вардар последните две години. За тоа каде точно треба да се подобриме, ќе работиме заедно со Индира. Јас имам нови погледи и нови идеи, се надевам дека ќе го комбинираме знаењето со Индира“, вели новиот консултант Расмусен, селекторот којшто со Полска беше четврти на СП во 2013, а дури единаесетти на ЕП минатиот месец.

Вардаровата кормиларка покажува максимална отвореност за соработка.

Ким е тренер подолго време од мене и јас секојдневно ќе учам од него и ќе се обидувам да извлечам максимум од данскиот ракомет и данската школа“, вели Кастратовиќ.

Управата на Вардар сака да профитира од неговото тренерско знаење и искуство.

„Горди сме што Расумусен му се приклучува на нашиот клуб, се надеваме дека тој ќе донесе дополнителен шарм на нашата игра, сите добро знаеме што значи Данска во светскиот ракомет“ , изјави Гордана Нацева, претседателка на ЖРК Вардар.

Екипата на 8 овој месец заминува на десетдневни подготовки во Унгарија, бара спаринг-партнери за таму, а сака да ангажира и неколку засилувања коишто не ги открива. Настапите во четвртфиналната групна фаза ги продолжува со гостување кај лајпциг на 30 јануари. Потоа, по принципот дома/гости ќе игра и со Крим и со Динамо Синара.