Православните христијани го слават Рождеството Христово- Божик

07.01.2015 16:26

Христос се роди- вистина се роди! Со овие зборови православните христијани си го честитаат денот на Христовото раѓање- Божик. Со утринските литургии во црквите почна чествувањето. Архиепископот Стефан во Божикното послание посака мир и благослов од бога...

Со утринските литургии во црквите и манастирите, со светата причест, започна чествувањето на Божик. Верниците си посакуваа здравје, слога, повеќе рожби и христијанството да се шири.  

По синоќешната Бадникова трпеза, од верниците никој не го крие задоволствто кај кого паричката ќе донесе среќа.

Светата црква во Божикното послание порачува ние немаме со што соодветно да му возвратиме на Бога, освен со постојаност во верата потврдена со дела, и преку љубовта кон него и кон сите луѓе.

„Не можеме никаква награда да му дадеме на Бога, освен да и се предадеме на добродетелта, затоа да не бидеме неблагодарни, туку сите колку што можеме да му принесуваме вера, надеж, љубов, разумност, милостивост и гостољубивост“, рече протајереј Драги Костадиновски.

Божик е празникот кој го собира семејството дома. По 40 дневниот пост фамилијата традиционално се собира на заеднички Божикен ручек.

Покрај Македонците на седми јануари според јулијанскиот календар овој ден го слават Србите, Црногорците, Украинците и Русите.

Христовото раѓање според стариот календар се смета за почеток на годината. Се слави три дена.

 

Наташа Јанчиќ