„Национална географија“ заинтересирана за реконструкција на падот на кингерот
Телевизиската куќа „Национална географија“ е заинтересирана за реконструкцијата на падот на кингерот со кој загина Трајковски.. Кулиќ при презентирањето на извештајот повтори дека пилотите сториле седум грешки како директни причини за несреќата, од кои последната била кобна за летот...
Додај гас.. Гас .. Еј! Тоа се последните зборови на капетанот на Кингерот пред кобниот удар на земјата. И дел се од последните 7 минути и 13 секунди претставени во реконструкцијата на летот и несреќата.
Еминентната телевизиска куќа „Национална географија“ е заинтересирана за емитување на реконструкцијата на падот на авионот со кој загина македонскиот претседател Борис Трајковски и неговите соработници во близина на Мостар.
Главниот истражител на комисијата која го истражуваше падот на авионот, Омер Кулиќ, неодамна и во Сараево го презентираше извештајот. При тоа уште еднаш потврди дека оваа куќа пројавува интерес за симулацијата на летот направена според аудиоснимката од разговорите меѓу пилотот, копилотот и контролата на летање во Мостар, која тогаш била под команда на францускиот контигент на СФОР.
Босанскиот весник „Дневни Аваз“ на својата интернет страница веќе ја објави видео снимката на реконструкцијата на летот. А Кулиќ при презентирањето на извештајот повтори дека пилотите сториле седум грешки како директни причини за несреќата, од кои последната била кобна за летот.
Фиљана Кока
