„И јас сум Шарли“: Светските медиуми и илијадници луѓе оддадоа почит на загинатите новинари

08.01.2015 15:49

Реагираше и Ватикан. За папата Франциск е неприфатлива суровоста што ја покажаа напаѓачите на новинарите и уредниците во Франција...

Печатени медиуми од целиот свет реагираа по нападот на седиштето на францускиот сатиричен неделник „Шарли Ебдо“. Италијанските дневни весници „Ла република“, „Ла стампа“ и „Кориере дела сера“ најостро го осудија нападот врз француските колеги. Со слични наслови излегоа и весниците во Шпанија, Велика Британија,  Германија, Холандија, Белгија.

„Тоа е неприфатлива смрт,  Ние го убивме Шарли Ебдо, Карикатурите нема да бидат заборавени, На бестрашниот бастион на слободата на говорот“- се дел од насловите на првите страници на данските дневни весници.

Солидарност со француските колеги изразија и новинарите од африканските печатени медиуми.

Реагираше и Ватикан. За папата Франциск е неприфатлива суровоста што ја покажаа напаѓачите на новинарите и уредниците во Франција.

„Вчерашниот напад не тера да размислуваме за човечката суровост. Неприфатливо е што се е подговтен на направи таков човек. Да се молиме за жртвите на оваа суровост, но и за сторителите, со помош на Господ да го променат своето срце“, изјави папата Франциск.

Нападот на Шарли Ебдо го осуди и раководителот на Турскиот оддел за верски прашања, Мехмед Гормез.

„Тоа беше напад не само на новинарите и на Франција туку и напад на сите луѓе кои го негуваат мирот, без оглед дали се верници или не. Како муслимани не можеме да толерираме терор и насилство. Овие убијци не можат да бидат следбеници на ниту една религија“, рече Гормез.

Нападот на францускиот неделник е напад против слободата на изразување и европските вредности, на што мора да реагираме, изјави италијанскиот министер за надворешни работи, Паоло Џентилиони.     

Солидарност со жртвите на масакрот во Франција изразија и стотици луѓе на Унион скверот во Њујорк. Држејќи фотографии со насловната на сатиричниот неделник, протестантите извикуваа „И јас сум Шарли“.

Свето Николовски