Франција: Терористите опколени од полицијата, држат едно лице во заложништво

09.01.2015 11:11

Последните информации кои ги потврдија француските власти велат дека терористите држат едно лице како заложник, по престрелката која се случи изутринава во Дамартан ен Гуел...

Mасовната потрага по двајцата осомничени за нападот на францускиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“ влезе во третиот ден.

Последните информации кои ги потврдија француските власти велат дека терористите држат едно лице како заложник, по престрелката која се случи изутринава во Дамартан ен Гуел.

Тешко вооружени полициски сили, поддржани со неколку хеликоптери се наоѓаат на самото место, држејќи ги под опсада грабнувачите кои се сокрија во една мала печатница, каде држат како заложеник едно лице.

Министерот за внатрешни работи Бернар Казенев потврди дека операцијата е во тек, но дека засега не е дадена наредба за напад.

Двајцата терористи кои го извршија нападот во Шарли Ебдо, беа формално идентификувани откако изутринава грабнале автомобил од марката Пежо 206, по што тие биле пресретнати од полициска контрола, при што имало престрелка и терорристите се сокриле во печатницата.

Во меѓувреме, францускиот премиер Мануел Валс изјави дека „Франција се наоѓа во војна против тероризмот“.

„Ние сме во војна против тероризмот. Ние не сме во војна против една религија, против една цивилизација“, изјави премиерот Валс на состанокот со префектите во министерството за внатрешни работи.

Валс додаде дека е потребно да се преземат нови мерки за да се одговори на терористичката закана по атентатот врз „Шарли Ебдо“.