Терористичката драма заврши, но не и заканите на кои е изложена Франција!

09.01.2015 22:06

Претсеателот Франсоа Оланд во вечерашното обраќање до Нацијата ги предупреди своите сограѓани: Франција не заврши со заканите на кои е изложена...

Tерористичката драма заврши. Терористите се убиени, но за жал има и мртви меѓу заложниците, како и тешко ранети. Претсеателот Франсоа Оланд во вечерашното обраќање до Нацијата ги предупреди своите сограѓани: Франција не заврши со заканите на кои е изложена.

„Франција иако е свесна дека успеа да се соочи со тероризмот и покрај силите на редот способни на храброст и подвизи, Франција не заврши со заканите на кои е изложена. Затоа ве повикувам на внимателност, единство и мобилизација“, рече Оланд.

Францускиот претседател предупреди дека ќе бидат засилени мерките за да се заштитат јавните места и да се гарантира безбедноста на граѓаните. Осудувајќи го нападот во Кашер самопослугата во Порт де Вансан во Париз, нарекувајќи го „страшен антисемитски чин“.  Тој им оддаде почит на безбедносните сили кои изведоа симултана акција за елиминирање на терористите и ослободување на заложниците.

Истовремената акција беше повеќе од потребна, бидејќи се покажа дека терористите се меѓусебно поврзани. Во Дамартан ен Гуел акцијата ја спроведоа специјалците на жандармеријата ГИГН, додека во Париз специјалците на полицијата РАИД. Сите грабнувачи, терористи се убиени. Тие во Дамартан ен Гуел се идентификувани- тоа се  браќата Шериф и Саид Куаши одговорни за масакрот на редакцијата на „Шарли Ебдо“. Исто како и нивниот соучесник Амеди Кулибали во Париз, кој е одговорен за убиството на полицајката во Монтруж, со него е убиено уште едно лице, но барем засега не е идентификувано.

Во продавницата беа убиени четворица заложници и четири други беа тешко ранети. Кај силите на редот има еден ранет кај жандармеријата и тројца кај полицијата.

Францускиот информативен ТВ канал БФМ ТВ, објави дека за време на денешните заложнички драми, терористите стапиле во контакт со редакцијата по што биле направени интервјуа. Тие потврдиле дека биле припадници, браќата Куаши со Ал Каида од Јемен, додека Кулибали на Исламската држава. Тие исто така потврдиле дека нивниот напад бил планиран и синхронизиран.

Амеди Кулибали, кој во 2009 го сретнал претседателот Никола Саркози, својот гест го објаснил со образложение дека преминал во акција „за да ги брани угнетените во Палестина“, и дека ја избрал продавницата Кашер, бидеќи таа е еврејска. Тој признал дека го извршил и убиството врз 4 заложници во продавницата.

Францускиот претседател за да им пркоси на терористичките закани најави дека во недела ќе биде на маршот во Париз, иако безбедносните служби, тоа не му го советуваат.

„Повеќе шефови на држави и влади, ми дадоа до знаење дека ќе бидат во недела на големиот собир. Јас ќе бидам со нив. Ги повикувам сите Французинки и Французи,  да се подигнат заедно во недела, за да ги понесат вредностите на демократијата, слободата, плурализмот на кои сме приврзани и кои Европа на еден начин ги претставува“, рече Оланд.

Оланд во недела нема да биде сам, покрај него ќе маршираат уште германската канцеларка Ангела Меркел, шпанскиот премиер Мариано Рахој, италијанскиот Матео Ренци, британскиот Дејвид Камерон, претсдателот на Европскиот совет Доналд Туск, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Тридневната криза отвора многу прашања на кои француските власти ќе треба да најдат одговор.

Тони Гламчевски