Крајбрежната стража на САД- најдобра на светот

17.01.2015 17:44

Американската Крајбрежна стража е најдобра во светот. Многу држави ја копираат, но според Командантот, адмирал Пол Закунт, тајната е во одличната обученост на припадниците на Крајбрежната стража...

88 илјади припадници на американската Крајбрежна стража се грижат за безбедноста на територијалните води на Соединетите Американски Држави. Најголем проблем со коишто се справуваат се илегалните имигранти, меѓу кои има и деца од земјите на Централна и Јужна Америка.

„Родителите од три најнебезбедни држави Хондурас, Гватемала, Ел Салвадор, од Хондурас најмногу ги праќаат своите деца во Америка. Кај нив има 40% невработеност, 50% сиромашни и едно од десет деца нема да доживее 21 година“, вели адмирал Пол Закунт, командант на американската Крајбрежна стража.

Борба против криминалот е дел од задачите на Крајбрежната стража. Тие се првата одбрана против внесување на оружје за масовно уништување во Америка. 406 илјади Американци умреле од предозирање со дрога од 2001-та година досега. Крајбрежната стража се обидува да ги сопре дилерите пред да ја истоварат дрогата на американскиот брег.

„Очигледно имаме предизвик со регионалната стабилност во Централна Америка. Дрогата носи годишно 750 милијарди профит, а Крајбрежнаѕа стржа има буџет од 10 милијарди. Но користиме разузнавачки информации. Организираниот криминал е најранлив на море“, вели адмирал Закунт.

Припадниците на крајбрежната стража спасуваат луѓе од бродоломи и од невреме. Нивна задача е да ги проверуваат и сите товарни бродови што излегуваат и влегуваат во Америка. САД во моментов се најголемиот извозник на нафта, па Крајбрежната стража се грижи и за заштита на околината. Бродови на Крајбрежната стража пловат и околу Артикот, но со намалениот буџет, наместо два мразокршачи во мисија се упатува само еден.  

Американската Крајбрежна стража е дел од вооружените и полициските сили на Соединетите Американски Држави.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ