Вранишковски не излегува од затвор
Обвинителството поднесе жалба на решението со кое екс владиката требаше да се пушти на слобода...

Расчинетиот владика Јован Вранишковски денеска нема да излезе од затворот Идризово како што првично беше најавено. Обвинителството поднесе жалба на решението со кое екс владиката требаше да се пушти на слобода. Причините се уште не се образложени. Вранишковски останува во затвор се до разгледување на жалбата.
Барање за условно ослободување поднесе директорот на затворот Идризово бидејќи Вранишковски издржал половина од казната и примерно се однесувал. Претходно синодот на МПЦ побара негово помилување, заради како што рекоа, повисоки црковни цели.
Ослободувањето на Вранишковски беше услов што го постави СПЦ за продолжување на дијалогот со МПЦ.
Јован Вранишковски беше обвинет за присвојување 250 илјади евра црковни пари и осуден на единствена казна затвор од пет години и пет месеци. Со правосилна пресуда му беше конфискуван имот во местото Голема нива во Нерези како и 4,9 милиони денари.
Анита Димитријевска
