САД и ЕУ мора да ја зголемат соработката!

21.01.2015 10:55

Европа и Америка мора да ја зголемат трансатланската соработка за да одговорат на предизвиците на новото време, изјави во Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини при првата посета на Вашингтон...

По терористичките напади во Франција, Европската Унија бара поголема размена на разузнавачки информации со Соединетите Американски Држави за да се избегнат нови напади во Европа од страна на терористички групи и Европејци коишто се бореле на страната на џихадистите. Шефот на европската дипломатија Федерика Могерини сепак побара при ова да се заштити приватноста на европските граѓани.

„Поблиска соработка на полициските и разузнавачките служби е клучна и неопходна за обезбедување на сигурноста на двете страни на Атлантикот. Нападите во Париз се трагично потсетување дека мораме повеќе да делиме информации“, изјави Федерика Могерини-Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.

Могерини посочи дека Унијата  е повеќе концентрирана на соседството додека Америка кон Азија, но дека сепак и Европа и САД споделуваат исти интереси за ширење на демократијата и реформите во земјите кандидати.

„На европскиот континент, Европската Унија и САД се на иста линија кога станува збор за европската перспектива и приоритетите во реформите во земјите од  Западниот Балкан, во Турција и кај источните партнери, Грузија,Молдавија и Украина“, додава Могерини.

Борбата против Исламската држава, состојбата со Украина и преговорите со Иран околу неговата нуклеарна програма ќе бидат приоритетите на Унијата, за кои Брисел ќе соработува со Вашингтон.

Европската Унија и Соединетите Американски Држави оваа година ќе соработуваат во областа на безбедноста, обезбедување на енергетска независноста на Европа и во борбата против климатските промени.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ